Friday, May 28, 2010

МОЕТО ИМЕ Е МОЈА РАБОТА




Постојат само три вида работи:
Моја, Твоја и Божја работа
(Бог по твое сваќање)
Кога ментално не сум во мојата работа се чувстувам оделен и осамен.
Да препоставам дека знам што е најдобро за тебе е чиста ароганција.
Во крајна линија, можам ли навистина да знам повеќе од тебе самиот или од Бога за твојот живот и твојата благостостојба?
Оваа ароганција носи напнатост, грижа и вознемиреност.
Исто така кога ментално сум во туѓа работа, јас не сум присутен во сопствената работа.
Ако мојата сопруга си го живее животот, а јас ментално живеам во нејзината
работа, тогаш нема никој со мене; се разбира, тогаш сум осамен.
Кога некој со години живее во сечија работа, освен во својата, тогаш низ сопствениот живот чекори како мртов.
Стравот е резултат на две работи:
1.Ќе ми го земат тоа што го имам (ИМЕТО)
2.Нема да ми го дадат тоа што го сакам и ми припаѓа. (Правото на моето ИМЕ).

Македонците како нација на Балканот го доживуват едното, другото или и едното и другото истовремено.

Реалноста е Највисоко Правило

Тоа што е, тоа е!

Јас едноставно престанав да се расправам со реалноста.
Како знам дека ветерот треба да дува? Ветерот дува.
Како знам дека Сонцето треба сите да не грее? Сонцето сите на земјава не грее (но не подеднакво).
Како знам дека ова е тоа што треба да биде сега? Се случува сега.
Расправањето и полемизирањето со “тоа“ што е, е како да учиш мачка да лае.
Безнадежно. Му кажувам ли јас на дрвото како треба да расте?
Јас знам дека реалноста е добра затоа што секој пат кога се расправам со неа, чувствувам напнатост и фрустрација. Се чувствувам неприродно и нестабилно.

Менталната збунетост е страдање кое и премногу долго се конзумира во мојата татковина Македонија.


Секое чувство е резултат на претходното верување за кое сме се врзале.
Мислиме, чувствуваме, а потоа делуваме на тоа чувство обидувајки се да го промениме. Во обидот да ги промениме сопствените чувства, посегнуваме вон себе си (во врски, во храна, во алкохол, во дрога) барајки привремена утеха.
Кога ќе почувствувам нешто, ги истражувам сопствените мисли при што забележувам дека
чувството се променува – наместо хаосот се појавува ред. Хаосот не е мојата вистинска природа. Хаосот е едноставно резултат на одредена идеја за која сум се врзал и која се појавила пред да почнам со истражувањето.
Кога се неистражени, многу други идеи се раѓаат од првобитната лага во безнадежен обид да се докаже вредноста на идејата која никогаш не може да донесе мир или соодветно решение.
Непринципиелната група на лицемери здружени во разноразни партии, сојузи, алијанси, заедници, меѓународни организации и тн... поедноставно наречени евро-атлантска наметната култура на живеење...настојчиво се обидуваат да обезименат една нација со богата култура и традиција на живеење со векови наназад, недозволувајќи притоа никому да размислува за поинаква иднина од нивната стандардизирана перспектива за современо живеење.
Не смееме да дозволиме за НАШЕТО ИМЕ кое е исклучиво само НАША РАБОТА некој надвор од нас самите да ни ја крои индината по негов терк.

МОЕТО ИМЕ е МОЈА РАБОТА.
Јас сум и се чувствувам МАКЕДОНЕЦ секаде каде што ме има, точка.

Ве поканувам радосно да го очекувате секое непријатното чувство и со
помошта на истражувањето (Работата) да дојдете до сознанието со кое
ќе ја разберете сопствената нелагодност.
Зошто да чекате нешто или некој надвор од Вас самите да Ви донесе задоволство и хармонија?
Сашо,
28.мај 2010 год
Монс, Белгија
Мисливе, проткаени со моите лични видувања и убедувања, се превземени од книгата The Work of Byron Katie
„Работата“
од Бајрон Кеити
(Превод на Македонски)

......″Оваа книга е богатство
Таа е комплетно образование.
Ќе те однесе внатре во тебе.
Сакаш ли да тргнеш по патот?″

“Сакаш ли навистина да ја дознаеш вистината?″

Оваа книгичка ќе те лансира во најдлабокото
искуство од твојот живот.
Нејзина цел е твојата слобода.
Следејки ги овие едноставни упатства,
илјадници луѓе открија дека
нивните врски драстично се подобруваат,
стресот станува нешто на што се смееме
а среќата се појавува како длабоко
непрекинато доживување.....
Повеќе на линкот: http://www.thework.com/index.php


Monday, March 15, 2010

За ЧОВЕКОТ, неговото ИМЕ и неговото ПРАВО,





Сето ова подолу напишано е сублимат од многумина експерти и научници од доменот на правото и заради тоа јас како лаик само ги пренесувам нивните мисли, заклучоци и факти, а се со цел на зачувување на своите лични, а верувам и на многумина мои сограѓани и сонародници, загрозени човекови права од страна на дел од една непринципиелна меѓународна заедница, која гледајќи ги само своите лични интереси се обидува да држи во заложништво една цела нација заедно со сите други граѓани. Граѓани на една мала суверена и горда држава со историја и минато за кое повеќето од членките на делот од меѓународната заедница можат само да сонуваат, граѓани кои се обидуваат да живеат чесно во едно модерно граѓанско општество....


Не секое право е човеково право.

Пред се, постои поим на објективно право, т.е. збир на правила според кои луѓето владеат, створено од надлежниот законодавец и поткрепено од авторитетот на државата или меѓународната заедница и санкции заради кршење на правата кои државите и меѓународните организации можат да ги наметнуваат. За поимот објективно право во некои јазици постои посебен израз (engl. law), со кој тоа се издвојува од субјективните права кои ги поседуваат субјектите на правата, физичките и правни лица (engl. right). Во нашиот јазик оваа разлика не постои, исто како и во германскиот и францускиот јазик: и во двата случаи се зборува за право (Recht, droit). Не се зборува за субјективните права на државата, затоа што таа е суверена и ги има сите права кои ќе си ги одреди себеси во рамките на меѓународниот поредок.

Субјективните права почиваат на нормите на објективното право кое тие права им ги дава и гарантира. Уставот и законите на една држава воспоставуваат некои права за многу широк круг на луѓе, сите полнолетни граѓани, како што е на пример правото на учество на избори. Меѓутоа, во држави, чие што законодавство е поинакво, такви права може и да ги нема: ако државата не е демократска устроена, во неа нема ниту избори, ниту гласање, или пак право на глас има само дел од населението кое припаѓа на повластени категории – тоа може да бидат припадници на благородства, образовани луѓе, богати луѓе, само мажи итн. Останати субјективни права се стекнуваат со исполнување на услови кое право секоја држава го пропишува. Кој ќе стекне имот, има право да го користи во границите кои ги одредува законот. Кој ќе стапи во брак, има права кои произлегуваат од бракот. Кој ќе положи пропишани испити, има право на диплома од соодветно училиште: поседување на диплома му дава право да се занимава со одредена струка, повторно под услови кои објективното право ги пропишува. Кој ќе биде избран за народен пратеник, има разни права кои законот на одредена држава му ги дава: нпр право на пратенички имунитет, на бесплатен јавен превоз, на одредени принадлежности итн.

Субјективните права стечени под услови кои ги пропишува правниот поредок можат да се подредуваат на разни начини, но едно им е заедничко: тие потекнуваат од државата, од нејзиниот уставотворец и законодавец, било тој да е демократски или недемократски, и зависат од волјата на државата. Човекот нема некое претходно право над тие права: државата слободно ги уредува условите под кои се стекнуваат или губат субјективните права. Секако, нејзината слобода е ограничена со општествените и политичките околности под кои правните норми се усвојуваат.

Во цивилизирана држава не е дозволена арбитрарност (самоволие) и се почитува политичко начело на правна сигурност, кое налага дека без силно оправдување не може да се поништат права стекнати врз основ на законот. Меѓутоа, крајниот тест е во тоа што државата може да одлучи да укине некои субјективни права: ако го почитува начелото на правна сигурност, таа ќе овозможи понатамошно уживање на правата под дадени услови, но ниту ова начело не ја спречува да донесе одлука некои субјективни права во иднина да не може да се стекнуваат.

Дека можноста за одземање на правата не е само теориска покажува праксата на државите чии влади се дојдени на власт по револуционерен пат или кои тврдат дека спроведуваат револуционерни промени. Нам ни се најблиски примерите на т.н. „социјалистички земји“, чии што законодавни органи имаат укинато многу субјективни права стечени од поранешните уредувања, па дури и правата кои се имаат стекнувано во почетокот на револуционерната власт. Така во Советскиот сојуз и земјите кои го следеа неговиот пример, заради укинување на приватната сопственост, одземани се, по пат не последователни национализации, некои или сите сопственички права на стопанските претпријатија, дуќаните, недвижностите итн. Укинувани се и многу неимотни права, како што е правото на здружување (особено во областа на политиката), правото на штрајк, слободата на движење, слободата на печатот итн. Во најригидните системи од овој тип, за некои категории на населението (благородници, припадници на граѓанската класа) е било укинато и правото на високо образование, а во Советскиот сојуз, Кина, Северна Кореја и слични земји елеминирани се многу други права, како на пример право на слободен избор на пребивалиште и вработување, стапување во брак со странци и сл.

Ако сите права кои човекот ги има се од овој вид, тогаш тој е во потполна зависност од државата на која и е потчинет. Таа во крајна линија може човекот потполно да го обесправи. Дури и ако тоа не доведува до неподнослив живот, беда и страдање, човековата автономија и достоинство со тоа се порекнуваат и истиот останува само поданик. Државата може да биде „добра“, да има умни закони и правичен владар и управа, но тоа не влијае на суштината на човековата положба. Од античка епоха па се до американскиот југ, имало робовладетели кои хумано и правично постапувале со своите робови, но тие секогаш останувале „животни кои зборуваат“, кои се ништо не можеле да се спротивстават на промените на расположението на нивниот сопственик или на преоѓање во сопственост на помалку човечен господар.

Сведување на севкупните човекови права на оние кои му ги подарува државата не ги задоволува некои од моралните обѕири и ги порекнува оновните човечки квалитети. Она што не е во склад со човековата слобода и еднаквост. Затоа меѓу субјективните права од кои се издвојуваат, се оние права кои не се должат на државата и нејзина волја, туку човекот како битие ги има со самото тоа што е човечко суштество, значи независно од државата и без државата. Овие права се нарекуваат човекови права.

Покрај изразот “човекови права“ во нашата терминологија постои и синтагмата
„правата на човекот“. Со неа се означува ист поим, но предност се дава на изразот човекови права“ заради впечатокот дека под истиот помалку се подразбира дека тие права во прв ред им припаѓаат на машките.

Според тоа, човековите права не се од позитивноправно туку од морално потекло. Тие права потекнуваат од нормативниот поредок кој е над државата и државата мора да ги почитува без разлика на тоа дали таа изричито се согласува или не. Човековите права ги подржува либералното сфаќање дека човекот како автономно и рацинално суштество влегува во државна заедница со некои права кои не можат да му се одземат.

Заради ваквото свое исходиште, човековите права имаат уште некои обележја.

Прво, затоа што припаѓаат на сите луѓе без разлика, нивниот број е помал од сумата на сите можни субјективни и морални права во секоја дадена држава во секој даден момент. Во нив не влегуваат правата кои ги имаат само некои групи на луѓе или поединци, кои ги имаат стекнато исполнувајќи дополнителни услови. Со други зборови, човековите права се базираат на вредностите кои се признаваат на секој човек или жена, а не на други особености, вклучувајќи ги тука и нивните заслуги. Тоа што некој ќе стекне повеќе права затоа што е вреден, способен, образовен и човек од доверба не се коси со постоењето на човековите права. Ова ја подразбира и можноста човекот, заради своето лично однесување, да биде казнет со привремено губење или ограничување на некои од човековите права, што пак претставува последица на неговиот избор (не – заслуга), а не затоа што тој е суштество со помала вредност. Некој кој заслужил казна со тоа не ја губи вредноста на човечко суштество и не се ислучува од човечкиот род.

Зато немаат основ сите теории кои признаваат однапред зададени морални „човекови“ права само на припадници на еден дел од човештвото, како што се еден пол, повисока раса, супериорна нација, итн. Супериорноста или поголемата човечност на тие групи не може убедливо да се докаже со никакво одбрано мерило. Дури и кога би постоеле такви мерила, припадниците на „пониските“ групи никако не би можеле да се квалификуваат како не-луѓе. Издвојување на само некои групи како „порамноправни“ и позаслужни да имаат човекови права, самоволно е и етички невозможно. Со тоа се побркуваат вредностите, кои за секое човечко суштество се исти, и заслугата која морално го оправдува разликувањето помеѓу луѓето. Згора на тоа, заслугите можат да бидат само индивидуални, а не колективни. Како, на пример, да се докаже дека мажите се позаслужни од жените, а припадниците на жолтата раса се позаслужни од припадниците на црната раса?

Второ, не се сите морални права кои припаѓаат на секоја личност човекови права. Човековите права се политички затоа што се остваруваат во државата и се однесуваат на државата. Човекот има многу морални права кон другите луѓе: меѓутоа, доколку другите не ги почитуваат тие права можеби човекот ќе доживее морални санкции, но не се смета дека државата е должна да му помогне да ги оствари истите. Секој има морално право другите да ги исполнуваат ветувањата кон него, да се држат за збор, да не го лажат, да постапуваат љубезно кон него итн. но државата по правило нема да интервенира доколку другите не ги исполнуваат соодветните морални обврски. Сетне, ако се даде ветување во форма, пропишана од државата, како што е на пример договор, поверителот има право на пристап кон независен и непристрасен суд кој ќе утврди дали ветувањето е исполнето и ќе наложи на извршните органи да ја спроведат судската одлука. Исто така доколку непочитување на личноста ги надмине мерките кои заедницата може да го толерира (клевета, навреда), државата кон моралните санкции ќе ги придодаде и кривичните и ќе овозможи на лицето да го брани својот углед со обраќање кон државните органи.

Најолем број од човековите права е усмерен исклучително кон државата: со нив истата се ограничува или од неа се бара конкретно дејствие. Најтипични примери на барања од државата да се воздржува и да не се меша се слободите, како што се на пример слободатата на изразувањето, слобода на движење и здружување. Државата не смее да прави ништо што би ги спречувало луѓето да ги користат овие слободи. Државата, пак, е должна да дејствува кога од неа се бара да создаде предуслови за достоинствен живот на луѓето и остварување на нивните права со тоа што нпр. за секој ќе обезбеди бесплатно основно образование, минимум на материјална егзистенција, еднакви услови за стекнување на средствата за живот итн. Обврската на државата да се воздржува е карактеристична за граѓанските и политичките права, а да биде активна – за економските и социјалните права.

Сите оние кои го признаваат постоењето на човековите права наидуваат на прва голема потешкотија кога треба да се изјаснат кои се тие права. Во тој поглед, постојат големи разлики помеѓу моралните и политичите филозофи: многумина се сложуваат дека тие права постојат, но меѓусебно се разликуваат кога истите ги набројуваат. Најјасни се либералните теоритичари на државата, кои поаѓаат од тоа дека основната цел на државата е да ги штити правата на своите граѓани, но тие можат само да укажат само некои основни права, па при тоа меѓусебно да не се сложуваат ни во поглед на нивното значење и досегање. Основните права можат да се разберат како постулати и начела кои ги инспирираат сите човекови права. Најпознати се оние прогласени во Француската револуција, кои послужија како инспирација за Декларацијата за правата на човекот и граѓанинот од 1789 година. Тоа се слобода, еднаквост и братство. Некои влијателни современи теоретичари човековите права ги изведуваат само од едно од тие начела. Британскиот филозоф Харт (http://en.wikipedia.org/wiki/H._L._A._Hart ) смета дека сите човекови права можат да се изведат од правото на слобода. Од слободата произлегуваат оние права кои човекот го бранат од принуда и ограничување. Други писатели градат своја конструкција на правото врз основ на еднаквоста, либерално начело кон секој човек да се постапува со еднакво почитување и грижа, од што (според Роналд Дворкин http://en.wikipedia.org/wiki/Ronald_Dworkin ) произлегуваат слободата на изразување, здружување и вероисповед и слободата на личните и сексуалните односи. Останатите ги земаат предвид сите три спомнати елементи, сметајќи дека тие меѓусебно се ограничуваат. Од еднаквоста произлегува ставот дека секој има исти права и според истиот треба да се постапува на начин кој ќе доведе до слични резултати, а од братството произлегува коректив во облик на право на луѓе во полоша положба, кое им овозможува да бидат слободни и еднакви. Од вака поставени општи ставови се доаѓа до поконкретни списоци на основни човекови права, кои по обемот и разновидноста се разликуваат од автор до автор.

Еден од највлијателните меѓу нив, американскиот филозоф Џон Ролс (http://en.wikipedia.org/wiki/John_Rawls ), својата теорија за правдата, од која произлегуваат и човековите права, ја гради на две начела:

  • Прво е дека секој човек има еднакво право на најширок систем на еднакви основни слободи кои се во склад со слични системи на слободите за сите други;

  • Второ е дека за општествените и економски нееднаквости мора да се најде решение кое најповеќе погодува на најмалку повластените и дека сите имаат право на пристап кон службите, положбите и фунциите со чесна еднаквост на можности и прилики.

Според него, основни слободи се политичката слобода (активно и пасивно право на глас), заедно со слободата на говор и здружување, слободата на мисла и совест, слобода на личноста со право на поседување на лична своина, слобода од самоволно апсење – онака како што се одредени под поимот на владеење на правото. Тој, меѓутоа, не ги набројува основните права кои произлегуваат од второто начело, туку тоа го препушта на законодавецот, инспирирано од тој принцип, додека уставот треба да го даде конечниот збор за потребните слободи.

На овој пример се гледа дека за воспоставување на човековите права се доволни основните назнаки за потребата и природата на тие права и основните мерила за нивно утврдување, а не нивен потполн список. Каталозите на човековите права, за да бидат влијателни и прифатливи, до сега се утврдувале со политички договор и имаат облик на основни политички декларации, устави, закони и меѓународни договори. Овие документи по правило претставуваат извор на правото, дури и кога немаат потребна форма. Меѓу нив особен авторитет имаат некои историски повелби, декларации и устави, како што е веќе споменатата Декларација од 1789 година, американската Декларација за независност од 1776 година и првите десет амандмани кон Уставот на САД (Bill of Rights) од 1787 година, а во поново време декларации на меѓународните организации, универзални и регионални меѓународни договори, какви што се Универзалната декларација за човековите права од 1948 година, пактовите за човекови права од 1966 година и Европската конвенција за човекови права од 1950 година.

За утврдување на основен каталог на човекови права особено се важни меѓународни документи, затоа што тие покажуваат согласност кои се општите, универзалните човекови права и тоа го чинат сосема јасно, бидејќи, за разлика од внатрешните прописи, не ги регулираат другите субјективни права на поединецот. Во поново време, секој устав кој е достоен да го носи тоа име има поглавје за основните човекови права, а некои држави усвојуваат и посебни повелби или закони со уставно значење во кои се набројуваат таквите права. Пред сé, често не се знае дали тие права се неповратно загарантирани и неотуѓиви или претставуваат овластувања кои лесно можат да се одземат. Покрај тоа, некои права се даваат само на државјаните (граѓаните) а не на сите луѓе, па сходно на тоа не се човекови туку граѓански права. Меѓутоа, околноста исти права да се гарантираат во многу устави сведочи за согласноста околу тоа кои права треба да се сметаат за човекови права.

Во овие извори се наоѓа релевантен и верен список на човековите права, но тој не може да се смета за конечен и засекогаш утврден. Поточно речено, од него не може да се одзема но со сигурност во него постојано ќе се врши додавање на нови човекови права. Ако се споредат каталозите на човековите права од 18-тиот и 20-тиот век, ќе се види колку човековите права се ширеле со текот на времето. Нема причина да не се претпостави дека истото ќе се случува и понатаму. Со таква незаокруженост не се доведува во прашање основниот став дека човековите права постојат сами по себе, а изворите на правото да бидат само доказ на согласноста за конкретизација на овој основен став.

Затоа треба да се повтори дека човековите права не постојат затоа што се наведени во изворите на правата туку дека тие постојат независно од нив. Многумина правници, кои не се склони кон теоријата, се задоволуваат со тоа што можат да се повикаат на важечкиот извор на правото кој некое право го означува како граѓанско или човеково право. Ваков, наједноставен одговор на прашањето што се човекови права и кои се тие права, израз е на правниот позитивизам: некое право е човеково право затоа што така одлучил законодавецот, национален или меѓународен. Сé што треба да се направи е исправно да се толкуваат изворите на правото, додека продлабочени расправи за причините на постоењето на човековите права не се интересни за правната наука. Во критиката на правото позитивизмот познава само едно мерило, а тоа е дали овластениот законодавец во пропишан облик има донесено правна норма. Тогаш важи, а прашањето дали правната норма е добра или лоша, правична или неправична, хумана или нехумана итн. тоа правото не го засега. Ако критичарите на правните норми превагнат и го убедат законодавецот да ја измени или подобри нормата, тогаш од тој момент тоа ќе биде позитивното право, кое правникот мора да го уважува.

Наспроти изнесеното, суштината на човековите права не е позитивистичка. Човековите права имаат подлабоки, етички извори и не смеат да дојдат во опасност законодавецот, како обични, незаштитени субјективни права, да ги укине по своја волја. Изворите на правото се само сигурен доказ за тоа дека во нив наведените човекови права навистина припаѓаат на таа категорија. Затоа тие можат да се користат за да се опишат и систематизираат сите тие права . Покрај тоа, во тие извори и во одлуките на судовите и другите надлежни органи, кои ги применуваат, се наоѓаат одговорите на многу прашања во врска со поедини права, како на пример каков е нивниот реален дострел, во која мерка можат да се ограничуваат, кој и под кои услови ги ужива, како се решаваат судирите помеѓу поедини права итн. итн.

Сашко, 15 март 2010 год.



Thursday, March 4, 2010

СЕНКИ, LOVELY BONES и (ДЕ)МИТОЛОГИЗАЦИЈА НА 2001


Се сеќавате ли на интервјуто со Милчо Манчевски по повод неговиот филм „Сенки“ од 2007 година каде авторот и режисер го објаснува името на филмот.

„Во неделата заврши снимањето на новиот филм на Милчо Манчевски, чие име од „Коски" се промени во „Сенки", што според авторот е поблиско до суштината на неговата идеја. „Сенки" целосно се снимаше во Македонија, со комплетно македонска актерска екипа, но со силна европска поддршка и учество на големи авторски имиња од светската филмска сцена. ...
... Една од работите што се променија е насловот - филмот сега се вика „Сенки", што е поблиско до суштината на она за што зборува, а и попоетски е. „Коски" му беше моминско име, сега се вика „Сенки"...“
Интервју Утрински весник во бр.2175 од 16 октомври 2006 г

По повод на основната тема - упокојување на душите на починатите и непогребаните луѓе - во белградска „Политика“ (Иван Аранѓеловиќ 19.04.2008), Милчо објаснува дека филмот како медиум е многу погоден за обработување и разбивање на архетиповите и додава дека му било интересно, старинските форми на преданија, кои некои ги нарекуваат „бабски прикаски“, да ги претстави во нова констелација.
Kubisticki mozaik istine (interview) Politika, 19. 04. 2008 g.

Дали ви ми има дојдено под рака книгата „The Lovely Bones“ („Драги Коски“) од авторката Alice Sebold издадена 2002 година?
Името, најверојатно доаѓа од крајот на книгата во која Сузи (главниот лик) размислува за цврстината и сплотеноста која ги обзема нејзините пријатели и семејството по нејзината смрт:
„ ... Тоа беа тие драги коски кои израснаа околу мојата отсатност: врските-понекогаш неразбирливи, понекогаш настанати со многу висока цена, но често величествени - и се случија откако заминав. И започнав да гледам на работите на начин кој ми дозволуваше да го држам светот без себеси во него. Настаните кои ги донесе мојата смрт беа воглавно коските на телото кои би постанале целина во некој си непредвидлив момент на иднината. Цената која се постави пред мене за да можам да гледам со ова волшебно беживотно тело беше мојот живот....“ страна 363
Поентата на романот е дека душата неможе да се смири ниту со мртвите ниту со живите се додека коските на починатите во земскиот живот не се упокојат праведно.

Го гледавте ли филмот „The Lovely Bones“ во продукција од 24 ноември 2009 година инаку со неколку номинации на BAFTA i Oscar ?
Aко не сте, погледајте го филмот или пак ако претпочитате читање набавете ja книгата.
Сличноста со „Сенки“ е можеби сосема случајна ако се земе предвид универзалноста на темата која се обработува.

Проф. Билјана Ванковска за eReporter на 25.01.2010 г. ќе напише текст под наслов (ДЕ)МИТОЛОГИЗАЦИЈА НА 2001 како коментар на дебата која се водеше на 20. и 21.01.2010 г насловена како „Историја и апокрифи – демитологизација на 2001“
во кој покрај другото стои:
„За разлика од мнозина кои веруваат дека ова се непотребни чеко­ри и дека треба да гледаме само напред, јас отсекогаш сум мислела дека без да има­ме храброст и доблест да погледнеме назад (не до амебите), барем до 2001-та, чекорите ќе ни бидат несигурни и неизвесни.
Ид­нина заснована на полу­вис­ти­ни, недоверба и страв - не е иднина која ја по­са­ку­вам, па таман и ако е во евроинтегративна об­лан­да. Голем дел од заблудите со кои се соочува општест­во­то, а кои за жал пос­то­јат дури и во научната фела, про­излегуваат од базичното не­знаење или иг­но­ри­рање на фактот дека кон­ф­лик­тот и насилството се две раз­лич­ни работи, дека конф­ликтот има циклична при­ро­да (т.е. дека не претставува пра­волиниски про­цес со точка на почеток и крај, па оттука не е точна ни тезата де­ка Рамковниот до­говор го окончал конфликтот) и дека без идентификација на из­ворите на на­сил­­ство, тоа може да избие дури и ако се верува де­ка „конф­лик­тот е конечно зад нас“ (а тоа кај нас не е ни случај)....“

„...Иако е претерано да се збо­рува за митови кои немаат ни десет­го­диш­на ис­торија, сепак приказната заслужува да се осветли, бидејќи таа не е ништо дру­го туку индикатор ка­ко и во која мера директното насилство од еден период се преточило во друг вид на насилство - во т.н. културно насилство....“

„...Еден од начините за при­бли­жу­вање до оваа цел е осу­да­­та на злос­тор­ст­вата, и не само фарсата која се одвива пред судот, туку и на оние кои намер­но се турнати во заборав, како Вејце, „Бри­они“ или длабоките јами кои ја кри­јат тајната за изчезнатите. Нема мир за опш­тест­вото додека ро­ди­те­ли­те, соп­ру­гите и децата не ја дознаат вистината за сво­и­те сакани, без оглед од ко­ја стра­на на Радуша паднале.“

Текстовите се превземени од:
http://www.ereporter.com.mk/mk-mk/Details.aspx?Title=4281
http://www.facebook.com/note.php?note_id=274610742688

Душата покој бара. Живите се должни да ги остават и да им обезбедат на коските на мртвите да почиваат во мир. Тие што се обидуваат да ги заборават гробовите од минатато и ги запретваат хумките на сегашноста, копаат само нови јами за иднината. Изникнатите никулци на соживот и заеднички просперитет на овие простори треба постојано да се залеваат со бистра и незагадена вода за да можат да пораснат и опстојат ако и само ако плевелот навреме и од корен се истреби и црното семе на омразата до последно зрно се сомеле на воденичкиот камен придвижуван од сите чесни граѓани кои татковината ја носат во своите гради.

Saturday, February 27, 2010

ЗА ЈАЗИКОТ И НАДОЈДЕНАТА ВОДА




„Еднаш еден голем учител му рече на својот ученик:
- Појди и купи ми нешто убаво за јадење!
Ученикот отиде на пазар и му купи јазик. Учителот повторно го повика својот ученик и му рече:
- Појди и купи ми нешто лошо за јадење!
Ученикот отиде на пазар и п
овторно купи јазик. Тогаш учителот го запраша:
- Кога те пратив да купиш нешто добро за јадење, ти ми купи јазик.
Истото го стори и кога те пратив да ми купиш нешто лошо за јадење. Зошто?
Ученикот одговори:
Од јазикот доаѓа се што е добро и се што е зло.
Кога јазикот е добар - помил од него нема,
но кога е поган - полош од него нема.
Еврејска народна приказна“



Познавам едно девојче што има навистина убави црти на лицето ... се додека молчи. Кога ќе отвори уста понижува и навредува се околу неа, па никој не ја забележува нејзината убавина. Никој не ја сака, а што е најтрагично некои дури и ја сожалуваат. Си ја ставила убавината пред интелегенцијата и што сме добиле... одбивна личност.
Такво чувство
на одбојност секогаш ќе ме преѕемне и трнки ке ми полазат низ телото, кога ќе ги слушнам партиските превртливи безрбетници и пишман аџии како крволочно го напаѓаат противничкиот табор во кој истите биле до вчера.

Градот во кој израснав се соочи со водена стихија во средина на седумдесетите г
одини од минатиот век. Половина од куќите беа поплавени и огромна материјална штета беше направена. Бидејќи тогашната наша зедничка социјалистичка татковина беше и поголема и економски појака (барем така мислевме), не половина, туку сите жители кои имаа куќи во градот добија помош и кредити кои не мораа да ги враќаат .
Дури и тие кои живееја по ридовите и кои капка вода не ги натопи.
Тие што живееја покрај реката и немаа куќи, ниту пак минимални стандарди за пристојно живеење, добија убаво испланирана и уредена населба со бараки на влезот од градот. Населбата и ден денес постои само што жителите ги продадоа бараките и си се вратија да си живеат во колибите покрај реката со лесно спечалените пари, надевајќи се на повторни големи дож
дови и повторна социјална помош од власта жедна за гласови (и локалната и централната), што навистина и се случи пред извесно време. И повторно истите тие без срам и образ повторно си земаа од социјалната помош. Па нели сме, ете покрај другото и социјална држава.

Деновиве над жителите околу Охридското езеро демнее реална закана од природна стихија. Над поднебјето, кое е лулка на словенската писменост и култура, катадневно се истрелуваат канонади од изјави, апели, прес конференции, стручни анализи, препукувања на релација локална-централна власт, позиција-опозиција, дури и обиди за интернационализација на надојдените води кои во краен случај и се појавија како последица на глобалното затоплување.
При тоа не се води сметка за јазикот на кој се зборува, небаре не научивме ниту еден убав стих испеан од мостовите на поезијата, духовно не го надраснавме животното во нашите срца слушајќи божествена музика и гледајќи театарски и оперски претстави во т
оплите летни ноќи покрај истото тоа езеро, кое пак , како нем сведок го трпеше силувањето од страна на себичната урбана мафија жедна за профит и брза заработувачка.
Но, ете тој бисер на балканот, заштитен од УНЕСКО и кандидат за едно од Светските чуда по „нов стил“, трпеливо чекаше и си ги дочека своите пет минути, за да ни покаже колку сме мали, јадни и немоќни и уште згора на тоа кратковиди и разединети, закопани во својата малограѓанштина.

Сега не е време за политички кампањи ниту за политички препукувања. Да ги оставиме поганите зборови, да ги оставиме мудрите мисли, поемите, претставите, концертите, патувањата за подобри времиња.
Сега е време да се засучат ракавите од страна на локалните власти и да се помогне на потенцијално загрозеното население во охридско-дебарскиот регион. Од истите тие претставници кои жителите лично си ги имаат изберено да ги водат нив и нивните семејства кон социјален, економски, културен просперитет во градовите во кои живеат.
Сите оние кои престојувале во населените места околу Охридското езеро како туристи, учесници на конференции, курсеви и семинари, а притоа уредно си ја платиле таксата и направените сметките, можат со
задоволство да кажат дека ете и тие на некој начин помогнале на жителите од тој дел на земјава да си го подобрат својот стандард.
Централната власт треба да е будна и секојдневно подготвена навремено и одмерено да интервенира со сите свои расположливи инструменти и институции кои ги има на располагање.
Гладниот можеби повеќе ќе се радува на оброкот ако му го развлечеш парчето леб за подоцна, но внимавај да не ти ја разруши фурната со својот гнев ако премногу задоцниш.
Сашо Трифуновски